Ликот и делото на Aрсени Јовков (1884-1924)

patronajovkovРасветлувајки го ликот на борецот и творецот Арсени Јовков пред еден поширок аудиториум, должни сме да му оддадеме признание поради фактот дека се работи за најавтентичниот литературен глас на Илинден 1903.

Во плејадата македонски револуционери, општествени литературни творци и визионери, кои војуваа со перо и со пушка в рака, заслужено место му припаѓа и на Арсени Јовков, еден од најмладите раководители на Илинденското востание, вдахновен поет на националноослободителната борба, уште потемпераментен и бескомпромисен публицист и журналист, омилен народен трибун, соборец,близок пријател и истомисленик на Ѓорче Петров.

Живеејќи и дејствувајќи во еден од најпреломните периоди за нашиот народ,понесен од нескротливите бранови на народноослободителната борба, која А. Јовков со право ја нарекува сенародна револуција, и самиот израснува во еден од најзначајните претставници на втората генерација македонски револуционери, општественици и творци, кои не само што доследно се придржувале до идеалите на Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Јане Сандански, туку ја збогатиле и продлабочиле македонската општествено-политичка мисла и конкретна револуционерна практика.

Арсени Јовков е роден во с. Селци (денес ова село е наполно напуштено од неговите жители, административно се наоѓа во струшка околија-Дримкол, во непосредна близина на електроцентралата Глобочица) на 25 март 1884год. Тоа е едно од најистурените села во Западна Македонија кое по својата пасивност е познато и како печалбарско село, скриено во раскошните пазуви на планината Стогово, во кое се родил и Војдан Чернодрински, основоположникот на македонската драма и театар.

Во Селце, денес среде тоа испустено село самува една мала плоча врз која се втиснати имињата на двајца наши истакнати литерати - Чернодрински и Јовков.

Во борбата за слобода А.Јовков станува уредник на весникот „Илинден“ - орган на старите илинденски борци. Бунтовниот дух на Јовков се манифестирал низ неговата поезија, критиката, историјата и блескавите анализи на настаните од пред и по Илинденското востание. А.Јовков со своја рака го врежал лозунгот „Слобода или смрт“ на знамето на битолскиот востанички округ, под кое и самиот се борел.

Иако цврсто ја стегал пушката никогаш не го оставил перото.

А.Јовков селски учител, станува журналист од голем калибар кој ја извлекол од анонимност комплексноста на проблематиката на македонското прашање.Весникот „Илинден“ станал духовен водач на македонската емиграција, а тој нејзин миленик.

Животната врвица на А.Јовков која се протега низ четири децении заложби да се фати чекор со времето,да се плива низ матицата на историските настани за да се остават трајни траги зад себе.

Татко му и постариот брат ги положуваат животите во Илинден, а тој, веднаш по сломот на Востанието, емигрирал во Бугарија за да го доречува низ политички и културни акции, илинденското дело, за да биде конечно сопрен од куршумите на пробугарските македонски терористи во крвавите оргии на безумните братоубиства кон средината на септември 1924 година.

Арсени Јовков мечтаел и се борел да ја види Македонија слободна. Во името на своите идеали и со единствен залог за нејзината иднина-личниот самопрегор, тој порачувал:

       „Земјите што имаат народни манифести како што е Илинден 1903 година, не умираат, тие манифести стојат повисоко од договорите за мир, од политичките шпекулации, од трговијата со народите.

       Во таа историски запаметена македонска вартоломејска ноќ, црните силуети на злото олицетворени во касапските специјалисти на Ванчо Михајлов,ѕверски го убиваат најавтентичниот македонски поет на Илинден.

И токму во самопрегорот и донстоинството на човекот,поетот,борецот,творецот и визионерот А. Јовков, ја пронаоѓаме и со почит ја пренесуваме хуманата порака за некои минати, сегашни и идни генерации:

   „Целиот мој род беше обречен да ѝ служи на Македонија и повеќето од нив загинаа за нејзината слобода.Ако е нужен мојот живот, јас ќе го дадам... Јас не можам да земам сега пушка и да се борам, мојата пушка е перото и јас со него се борам“.

А.Јовков е еден од родоначалниците на македонската кинематографија, кој може да стои на исто рамниште со браќата Милтон и Јанаки Манаки. Проследувачите и проучувачите на Јовковата дејност допрва треба да ѝ го презентираат на македонската јавност документарниот краткометражен филм,датиран од 1923 година, чиј автор е токму тој – Арсени Јовков. Кинотеката на Република Северна Македонија во своите архиви го чува овој документарец како реликвија, за да го промовира пред поширок аудиториум, и да ја покаже комлексноста и сестраноста на Јовковата животно-творечка ориентација како уметник, интелектуалец и визионер.