Мултикултурно етно катче со кукли во народни носии во СУГС „Арсени Јовков“

etnokatceВо рамките на проектите од областа на креативните индустрии со поддршка на Министерството за култура, беше реализиран проект за запознавање на младите со традицијата, фолклорот и обичаите, како битни обележја на еден народ.  
Целта на проектот беше младите (средношколци) да се запознаат со традицијата, фолклорот и обичаите и преку создавање креативен дух да го запознаат и осознаат својот идентитет, но и да го негуваат културното наследство од нашите предци.


Учениците од средното економско и правно училиште „Арсени Јовков“, во кое учат деца од сите етникуми во државава, под менторство на професорката Розита Закева и со поддршка на професорката Теута Хисени, се запознаваа со колоритот на носиите, истражуваа и изработуваа народни носии од сите етникуми во Република Македонија.

Притоа во холот на училиштето отворија етно катче во кое ги сместија своите изработки – кукли во народни носии. Мултикултурализмот ги спои овие млади луѓе од различни националности и овозможи да се зближат, да разменуваат знаења, да се запознаат и да се дружат меѓусебе во текот на цели четири месеци.