НА 12 АПРИЛ ВО 12 ЧАСОТ СИТЕ ВО ГРАДСКИ ПАРК
Средното економско и правно училиште на Град Скопје „Арсени Јовков“ оваа година прославува 130 години од раѓањето на својот патрон Арсени Јовков и 50 години од постоење на училиштето. Од формирањето, па до денес, училиштето исшколува над 70.000 економски техничари, биротехничари и дактилографи и деловни секретари кои успешно се вклучија во нашето општество како вработени или го продолжија своето образование на факултетите.
Својата успешна работа и своето постоење ќе го одбележиме со музички хепенинг под мотот МЛАДОСТА Е МОЈАТА РЕЛИГИЈА на 12 април (сабота) од 12 – 14 часот во Градскиот парк, локација Школка. Ќе настапуваат бендови од школото кои ќе пеат на македонски, албански, ромски и турски.
На овој начин сакаме да го поттикнеме соживотот меѓу сите заедници во државава, да испратиме порака за соживот и да покажеме дека музиката и младоста не познаваат разлики.
(ДЕ)КОНСТРУИРАЈ ГИ МЕДИУМИТЕ
Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во третата сезона на средношколскиот проект и веб страница www.medium.edu.mk започна нов проект. Целта на проектот е поттикнувње и охрабрување на тинејџерите да читаат и пишуваат користејќи ги техниките на новинарското изразување.
Учениците од десет средни училишта учествуваа на обука за новинарство во Високата школа за новинарство и односи со јавноста. Дали сме свесни колку медиумите ни ја менуваат перцепцијата за работите кои не опкружуваат? Целта на овие обуки е преку примери да се пренесат основните знаења за користењето на медиумите. Што е тоа медиум? Какви медиуми постојат? Како влијаат врз нас медиумите? Одговорите на овие прашања средношколците сами ги пронајдоа преку низа активности за медиумска и дигитална писменост. Оваа обука траеше шест часа и учениците се стекнаа со нови знаења. Имаше дискусии каде што учениците ги искажуваа своите ставови и мислења.
После обуките, учениците под менторство на своите професори по македонски јазик имаа за цел да напишат текстови за медиумска писменост. Овие текстови освен што треба да се објават на он-лајн весниците на своите училишта, тие ќе бидат објавени и на medium.edu.mk
10-те училишта кои беа опфатени на овие обуки се: “Арсени Јовков”, “Васил Антевски Дрен”, “Орце Николов”, “Раде Јовчевски Корчагин”, “Никола Карев”, “Георги Димитров”, “Јосип Броз Тито”, “Браќа Миладиновци”, “Здравко Цветковски” и “ЗефЉуш Марку”.